„Благодарам капитену мој, задоволство беше да се биде војник во твојата војска!“

Аријан Адеми викендов го одигра прошталниот натпревар за Динамо Загреб, пред да се пресели во Пекинг Гуан, па тоа беше повод за многу фудбалски имиња јавно да споделат убави зборови за него. Меѓутоа, меѓу сите се истакна 27-годишниот Србин, Комнен Андриќ.

Некогашниот младински репрезентативец на Србија, беше дел од Динамо од 2019 до 2022 година, но на хартија. Во тој период беше позајмуван, така што не е дека поминал цела вечност меѓу „модрите“ и во друштво на Аријан Адеми. Но, очигледно и тоа време што го поминал било доволно македонскиот репрезентативец да му остави уникатен впечаток. Андриќ тоа го потврди со долга и емотивна објава на социјалните мрежи, посветена на Адеми и како фудбалер и како личност. Ви ја пренесуваме во целост.

„Повлечете го број 5 од почит!!! 21 трофеј!!! Размислувам како да почнам...

Легенда на клубот!

Искрен, лут, чесен до срж, непоткуплив, непопустлив, авторитативен, борбен до последниот атом, брат, другар, советник се само некои од особините кои се дел од твојот идентитет. Играв со многу фудбалери, многу се неверојатни и денес играат во најдобрите клубови на светот, но никогаш во кариерата не сум сретнал некој како тебе!

Твоето присуство на теренот беше немерливо, доволно за цела екипа да се чувствува подобро и посигурно, ти беше срцето и душата на екипата! Сите млади фудбалери кои поминаа низ Динамо за време на мојот престој пораснаа, созреаја и учеа од тебе на најдобар можен начин. Научија како се работи, како се почитува и што значи вистински однос кон фудбалот и она што фудбалот го нуди.

Секогаш беше ‘гладен ѕвер’ на секој тренинг, на секој натпревар. Пораз за тебе не постои, само школа и лекција! И понатаму се прашувам како е можно некој на секој тренинг, секоја топка, секој дуел и во секоја секунда да биде на 110 проценти. Веројатно уште долго ќе се прашувам, бидејќи тоа го видов само кај тебе.

Моето место во соблекувалната беше одма до тебе, од левата страна. Додека сум жив нема да заборавам кога пред еден важен натпревар во ЛШ дојде и седна на местото со спуштена глава кон подот и така остана речиси една минута. Јас како јас, кој забележува и следи сè, сфатив дека нешто не е во ред, погледнав малку подобро и видов како очите ти се полни со солзи. Тогаш сфатив и видов што се случува. Крваво стапало од убоди од игли, напукната коска на него, а ти земаш инекција за болки (блокада), стискаш заби и излегуваш на терен како ранет ѕвер да изгинеш за својот клуб и за соиграчите. Тоа си ти!

Покрај сите неброени фудбалски квалитети кои ги поседуваш, уште повеќе бев импресиониран од оние главните, човечките! Знаевме сто пати да влеземе во девати, но секогаш остануваше на своето мислење, никогаш не зборуваше она што другите не сакаат да слушнат, туку тоа што го чувствуваш во тој момент.

Многу малку има такви денеска. Линијата на помал отпор за тебе не постои, постои само искреност и почитување, па макар да те одведат во најголема штета, таков си! Затоа сите толку те почитуваат, не само во нашиот клуб и меѓу нашите навивачи, туку и во клубовите и навивачите на најголемите ривали и меѓу луѓето. Толку трофеи, толку успеси, признанија, а повторно секогаш сталожен, свој, приземен, внимателен и гладен за нови успеси.

Не би должел повеќе и онака ова е долга порака, но ова е најсрочено и најкратко што можев да напишам за тебе, за твојот лик и дело, за сите овие години од младоста кои ги даде на Динамо. Знаеш дека твојот баба сака многу да зборува и од време на време ќе фрли, чисто поради добра приказна, некоја шега или досетка, но овој пат тоа го заобиколив.

Фала ти капитену мој, на сè, беше исклучително задоволство да се биде војник во твојата војска и среќно во новите предизвици!

Еден е Аки капитен!“

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

A post shared by Komnen Andric (@komnen_9)