Арапи дошле по Јаховиќ, ама Коња не попушта и бара – 4 милиони евра!

Турска Коњаспор нема намера да го продаде порнашениот македонски репрезентативец Адис Јаховиќ за помалку од четири милиони евра, објавија турските медиуми, посочувајќи дека после Бешикташ по голгетерот тргнале клубови од арапскиот свет.

Клубови од Обединетите Арапски Емирати и од Катар се заинтересирани да го земат Јаховиќ, но Коња нема намера така лесно и „бесплатно“ да го пушти својот голгетер, па цената што ја поставил турскиот клуб е – четири милиони евра. Истата ја соопштил бившиот тренер на Фенербахче, Ајкут Коџаман. За помалку од тоа не преговараат, па сега Арапите ќе треба да се покажат дали се толку заинтересирани за да го одврзат ќесето, или Јаховиќ ќе си остане член на Коња и пролетва.

Макеоднскиот интернационалец пред една година дојде во Коња за 1,5 милиони евра од Гецтепе и тоа во момент кога беше најдобар стрелец во турската Суперлига (заврши на крајот како трет најдобар стрелец). Сезонава има шест гола и шест асистенции во 16 меча за Коња, но и желба да биде уште поефикасен. На стартот на зимскиот преоден рок Бешикташ наводно силно се заинтересира, но понудата од 1,6 милиони евра експресно беше одбиена.

Инаку, од пред неколку дена член на Коњаспор е и поранешниот макеоднски репрезентативен лев бек Леонард Жута, кој за 400.000 евра се пресели од Риека во овој турски клуб.