Адеми повреден против Шахтер: Кој има болка ќе се напие Волтарен и ќе - игра!!

Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми би требало да биде капитен на Динамо на вечерашниот меч во Харков против украински Шахтер во Лигата на шампионите, откако синоќа го одработи тренингот со „модрите“ после неизвесноста за неговиот настап по повредата на мечот со Словенија во Скопје во евроквалификациите.

Адеми од мечот со Словенците имаше голем оток, ја прескокна Полска, а цела недела беше на терапии во Загреб, каде му беше констатирано дека има силно истегнување на лигаментите на скочниот зглоб. Синоќа Адеми нормално тренирал, но останува под знак прашалник дали ќе може да игра, иако хрватските медиуми најавуваат дека би требало да биде подготвен, а такво нешто посочил и тренерот Ненад Бјелица.

„Кој има болка, ќе си се напие Волтарен и ќе игра! Ова е посебен меч, вреди да се жртвуваме, иако имаме и замени ако навистина повредените не можат“, рекол Бјелица.

Нема сомнение дека тренерот на Динамо го сака Адеми во стартните 11, а макеоднскиот репрезентативец е најкритичен за „модрите“, зашто другите двајца Бруно Петковиќ и Доминик Ливаковиќ веќе неколку дена се во тренажен процес и повеќе од сигурно е дека ќе бидат во првиот тим, без оглед што имаат иста повреда како Адеми.

Мечот во Харков почнува во 18.55 часот, а Динамо и Шахтер имаат по една победа досега и по еден пораз од првиот фаворит во групата Манчестер сити.