Еден од најдобрите велосипедисти на тренинг го удри – автомобил

Еден од најдобрите велосипедисти во моментов Наиро Кинтана од Колумбија, кој важи за прв фаворит да победи на најпрестижната трка „Тур Д'Франс“ доживеал голем пех вчера на тренинг, откако го удрил автомобил, па тој сега ќе мора да направи кратка пауза поради повредите кој ги здобил.

Кинтана е поранешен победник на Џиро Д'Италија (трката на Апенините) во 2014 година, како и на Вуелта (трката низ Шпанија) во 2015 година. Него го удрил автомобил кој непрописно сакал да сврти, додека Наиро тренирал во градот Мотавита, во средна Колумбија.

Несреќата ја потврдила и градоначалничката Мери Мозо, која објавила дека Кинтана не е тешко повреден, но дека „ќувствува болки во коленото и има гребаници на лактот“. Кинтана после ударот се вратил дома, каде му била укажана лекарска помош.

Кинтана досега трипати беше на победничкиот пиедестал на „Тур Д'Франс“, втор во 2013 и 2015, а трет во 2016. Беше член на шпански Мовистар, а од оваа сезона е дел од француски Арке-Самси и пред прекинот на сезоната ја освои етапата Париз-Ница.

Веќе со години важи за еден од најголемите фаворити за победник на најпрестижната трка во велосипедизам, последна која му недостига за да ги има трите најзначајни од „Гранд тур“.