
Украинска тенисерка сака да земе пушка и да пука на руски војници!
Но, додека руските спортисти постепено се враќаат на сцената, Украина повторно е во фокусот поради изјавата на тениската ѕвезда Елина Свитолина, која моментално настапува на турнирот во Индијан Велс. Таа вели дека е подготвена да оди на фронтот и да пука на руските војници, но верува дека повеќе ѝ помага на својата татковина преку хуманитарна поддршка.
„Сигурно би отишла во војна за да пукам на агресорот, но вака повеќе придонесувам“, изјави Украинката.
Во интервју за германскиот „Билд“, Свитолина објасни дека во последните три години собрала над 1,5 милиони евра за Украина.
„Верувам дека тоа е покорисно отколку да бидам на фронтот со оружје. Многу наши војници немаа ни основна воена обука пред да бидат повикани да ја бранат земјата. Освен тоа, имам семејство и неодамна станав мајка, па не можам да заминам во војна“, изјави тенисерката.
Свитолина често патува во Украина за да им даде поддршка на своите сограѓани.
„Се обидувам да донесам барем малку радост во нивните животи. Да ги споделам нивните среќни и тажни моменти. Посетите на семејствата на војниците ме исполнуваат, иако носат и многу емоционална болка.“
Нејзиното семејство сè уште живее во Одеса, а сопругот, францускиот тенисер Гаел Монфис, секогаш е загрижен кога таа се враќа дома.
„Гаел многу се плаши кога одам таму. Но, му објаснувам дека безбедносните мерки се многу строги и дека ова е мојата мисија – да бидам еден од гласовите на Украина“, вели украинската тенисерка, нагласувајќи ја поддршката што ја добива од својот сопруг.
Свитолина во 2017 година беше трета на ВТА-листата, а досега има освоено 17 турнири, меѓу кои и ВТА финалето во 2018 година. Три пати играше во полуфинале на Грен слем-турнири – двапати на Вимблдон и еднаш на Ју-Ес Опен. Во 2021 година го освои првиот олимписки тениски медал за Украина и тоа бронза на Игрите во Токио. Две години подоцна стана мајка, откако со Монфис добија ќерка.