Тениска поезија: Ѓоковиќ рутински ја мина втората пречка во Мелбурн
Ѓоковиќ наметна ритам од самиот почеток и покажа разлика во квалитетот. Иако Маестрели се обидуваше да остане во првиот сет преку долги размени, српскиот тенисер трпеливо чекаше можност и стигна до брејкот мошне рано. Со сигурни сервис гемови, Новак го приведе првиот сет до крај без поголеми проблеми.
Во вториот сет, Ѓоковиќ дополнително го подигна нивото на игра. Раниот брејк му овозможи мирно да го контролира текот на сетот, додека на Италијанецот му беше сè потешко да најде решенија во размените од основната линија. Новак беше прецизен и агресивен во клучните моменти, а со уште еден брејк рутински стигна до водство од 2-0.
Маестрели успеа да направи брејк на почетокот од третиот сет, но Ѓоковиќ брзо одговори. Следеше рибрејк со кој ја врати контролата, а потоа ја потврди предноста. Ѓоковиќ делуваше самоуверено и концентрирано, држејќи го натпреварот под своја контрола иако Маестрели се обидуваше, напаѓаше, но исто така правеше и грешки. Италијанецот успеа да врати еден брејк, но ништо повеќе од тоа. На крајот, по два часа и 15 минути игра, најдобриот тенисер на сите времиња се пласираше во третото коло.
Таму ќе се сретне со Ботик ван де Зандшулп, кој го победи Јунченг Шанг. На Ѓоковиќ сега му треба само уште еден триумф за да стигне до својата 400-та победа на Гренд слем турнирите, но со ваква игра како ноќеска, нема дилема тоа ќе се случи за два дена.