Суарез Наваро: Го победив ракот, излечена сум! (ФОТО)

Шпанската тенисерка Карла Суарез Наваро денеска со целиот свет сподели прекрасни вести дека успеала да ја извојува најголемата животна битка. 

Таа на социјалните мрежи  соопшти дека го победила ракот. Суарез Наваро имаше „Хоџкинов лимфом“, што е еден вид на рак, кој го напаѓа имуниот систем. Болеста и беше дијагностицирана минатиот септември, а оваа недела ја заврши и последната хемотерапија и радиотерапија во Барселона.

„Уште еден чекор напред. Денеска завршив со третманот и успеав да ја победам болеста 'Хоџкинов лимфом'. Ви благодарам на сите за топлите пораки. Секој збор со подршка ми даде сила да ги издржам изминативе месеци. Им благодарам на сите медицински професионалци кои се грижат за нас секој ден. Излечена сум!“, напиша Шпанката на социјалните мрежи. 

И покрај тоа што сè уште одеше на хемотерапија, тенисерката почна со тренинзи уште во месец март. Таа моментално се подготвува за кам-бек на тениските терени и тоа на Ролан Гарос.