„Солзите на Ѓоковиќ беа лажни, тој плачеше да го измами противникот!“

Новак Ѓоковиќ претрпе болен пораз во завчерашното финале на „Ју-Ес Опен“ во пресметката со Данил Медведев (0-3), со што не влезе меѓу бесмртните како единствен кој триумфирал на сите гренслем-турнири во иста година.

Србинот играше далеку под своите можности, но и под товар на големиот притисок од целата јавност поради можниот рекорд, поради што во финишот се скрши и почна да плаче во паузата помеѓу гемовите. Францускиот психолог, Изабел Инхасуспе, за „Л'Eкип“ изјави дека неговите солзи биле лажни и дека со тоа се обидел да го измами противникот.

„Не верувам дека плачеше. Дали го видовте изгледот на неговото лице кога се врати од паузата. Мислам дека беше во тешка ситуација и со шаховска стратегија се обиде да го надмудри својот противник. Се надеваше дека противникот ќе потклекне, затоа плачеше“, потенцира таа.

Ѓоковиќ во текот на целиот меч беше многу нервозен и тоа го покажа пцуејќи и кршејќи го рекетот, за што беше казнет.