Нутриционисти го демантираат Ѓоковиќ: Минимални се шансите да бил отруен во Австралија

Новак Ѓоковиќ ја крена тензијата пред почетокот на Австралија Опен откако изјави дека бил плански труен за време на карантинот во Мелбурн во кој беше во 2022 година.

Нему не му беше дозволен влез во земјата затоа што немаше потврда за примена ковид-вакцина, па десетина дена помина во „притвор“ пред да биде депортиран од Австралија. Три години подоцна, тој изнесе шокантно откритие дека во хотелот каде што престојувал бил труен со „тешки метали“ затоа што имал високо ниво на жива и олово. Светски познати нутриционисти, сепак, го демантираат Ѓоковиќ и тврдат дека се минимални шансите тој да бил труен во Австралија.

„Малку е веројатно, имајќи предвид колку долго бил затворен таму, додека оброците биле правени во масовни количини, а немало други извештаи за труење“, изјави за Гардијан, Дејмијан Магања, истражувач на Институтот за глобално здравје „Џорџ“.

Доктората Барбара Кардозо, која на Универзитетот Монаш работи како биохемиски нутриционист, вели дека во Австралија е мала изложеноста на олово и жива поради мерките кои постојат.

„Живата може да биде присутна во храната, но најмногу во риба и морски плодови. Концентрацијата во нив е релативно мала и потребно е долго време за да се наталожи и да предизвика труење. Храната која луѓето ја консумираат во Мелбурн и околината, е малку веројатна причина за труење“, вели таа.

Докторката Катарина Флеминг која држи предавања на тема јавно здравје на Универзитетот Западен Сиднеј смета дека е тешко да се докаже врската меѓу изјавата на Ѓоковиќ за труење со тешки метали и храната која ја консумирал без никакви клинички тестови.