Ни публиката не му може ништо - Ѓоковиќ ја мина и третата пречка

Новак Ѓоковиќ е последниот тенисер што успеа да обезбеди пласман во осминафиналето од „Ролан Гарос“.

Во вечерашниот дуел против Филип Мишолиќ од Австрија, Србинот воопшто немаше проблеми и ја заврши својата работа во само три сета (6-3, 6-4, 6-2). Со тоа Ѓоковиќ се загреа за пеколот што му следува иако до него има уште еден меч, против Камерон Нори од кого беше подобар минатата недела на турнирот во Женева.

Иако Австриецот со хрватско потекло имаше свои моменти на мечот, многу поинтересна беше борбата на Ѓоковиќ со публиката која не беше против него како што имаше случаи во минатото, но неколку пати почна да слави поени среде игра и тоа го изнервира некогаш најдобриот светски тенисер. Поради тоа Ѓоковиќ реагираше, па судијата мораше да дели опомени.

В понеделник српскиот ас ќе бори за ново четвртфинале на „Ролан Гарос“, а ако нема изненадувања, потоа го очекува пеколот. Прв на списокот е Александер Зверев, потоа првиот светски рекет Јаник Синер и на крајот Карлос Алкараз.