Надал: УС-опен ќе остане гренслем и голем турнир и без мене!

Откако вториот светски рекет Рафаел Надал, како и легендарниот Швајцарец Роџер Федерер објави дека поради преголемиот ризик нема да игра на УС-опен во Њујорк, многумина одлуката во САД не ја прифатија најдобро, па дури дел од јавноста одеше дотаму дека ова е потценување на еден од четирите гренслем турнири во тенисот.

После бројните напади кон Надал, Шпанецот првпат се огласи и порача дека и без негов настап, УС-опен останува голем турнир и гренслем и дека негова желба е да се подготви најдобро што може за својот најомилен – Роланд Гарос.

„УС-опен ќе остане голем турнир, гренслем со голема титула. Не сум арогантен, ниту мислам дека овој турнир повеќе не е важен, само затоа што јас нема да играм на него. Да, неколку важни имиња нема да играат, ама кој и да победи на крајот нема да биде ништо помалку вреден, ниту ќе треба некој помалку да се гордее кога ќе го освои пехарот. Трофејот останува гренслем, како и секој претходен во Њујорк, како и секој друг гренслем“, вели Надал.

Надал после откажувањето на настапот на терените на „Флашинг Медоуз“, ќе се концентриран на Мастерс-турнирот во Рим, а потоа на Роланд Гарос, бидејќи мастерсот 1000 во Мадрид е откажан, а и таму беше во план да игра.

„Јас верувам дека Роланд Гарос ќе се одржи и за него се подготвувам, за него размислувам. Но, ќе видиме што ќе се случи, како ќе се одвива ситуацијата, особено што таа ситуација со коронавирусот во последниве недели повторно се влошува. Јас се надевам да играм, ако бидат условите безбедни“, додава Надал.

САД е најпогодената земја на светот со над 160.000 починати лица и над четири милиони заразени од опасниот вирус, но Њујорк каде имаше огромен прв бран ситуацијата засега е стабилна, ама голем број на тенисер(к)и го откажуваат настапот, а засега неизвесно е дали и светскиот рекет број еден Новак Ѓоковиќ ќе игра.