Му лежи Кина: Алкараз експресно ја мина првата пречка на мастерсот во Шангај!

Шпанскиот тенисер, Карлос Алкараз, се пласираше во третото коло на мастерсот во Шангај, откако утринава лесно и убедливо го надигра домашниот претставник, Јунчен Шанг (6-2, 6-2).

Мечот траеше само нешто повеќе од еден час, што е доволен доказ за одличната игра на популарниот Карлито, кој беше слободен во првата рунда, а кој неодамна триумфираше на турнирот во Пекинг. Алкараз доминираше во секој статистички параметар, имаше 14-8 во винери и четири неизнудени грешки помалку. Беше совршен на мрежа со 7/7. По два брејка во секој сет му беа доволни за да продолжи понатаму, а Шанг ја имаше единствената шанса да се врати во четвртиот гем од вториот сет кога ја пропушти единствената брејк шанса.

Алкараз за пласман во осминафиналето ќе се бори против уште еден локален тенисер и тоа Џибинг Ву, кој е 560. играч на АТП листата и кој претходно го елиминира 29. тенисер во светот, Николас Џиари.