Мастерс Торонто: Надал го мина Вавринка, сега го чека Чилиќ

По сензационалната елиминација на Новак Ѓоковиќ, Рафаел Надал не дозволи второ големо изненадување на Мастерсот во Торонто за само неколку часа, па ја мина осминафиналната пречка.

Надал беше подобар од Стен Вавринка, во многу атрактивен и возбудлив меч. Во првиот сет и двајцата тенисери пропуштија неколку брејк-шански, се до 12. гејм, кога Надал го надмудри Швајцарецот и му го зеде сервисот за 7-5.

Вториот сет Шпанецот го почна посигурно, со брејк за 2-0, но веднаш потоа ситуацијата се сврте и Вавринка освои четири игри по ред за да поведе со 4-2. Надал се врати дури кога Вавринка сервираше за изедначување, при 5-4, а потоа кога мечот отиде во тајбрејк, Шпанецот беше поуспешен со 7-4.

Негов противник во четвртфиналето ќе биде Марин Чилиќ, кој синоќа со 6-3, 6-2 го елиминира Аргентинецот Диего Шварцман. Со истиот резултат третиот светски рекет, Александар Зверев, беше подобар од Данил Медведев и сега ќе игра со Циципас.

Друга четвртфинална двојка, која се формираше рано утрово е Робин Хасе - Карен Качанов. Холанѓанецот изненадно го совлада домашниот тенисер Денис Шаповалов со 7-5, 6-2, а Качанов го надигра Џон Иснер во два тајбрејка. Последната четвртфинална двојка е Димитров - Андерсон.