Лесни пари за само еден гем: Меч во двојки на „Ролан Гарос“ бил дрско – наместен (ВИДЕО)

Германскиот „Ди Велт“ прв ја откри приказната, која потоа вирално се рашири низ целиот свет, дека еден од натпреварите во игра на двојки во женска конкуренција на „Ролан гарос“ бил дрско – наместен.

Станува збор за дуел од првото коло, кој на истражителите им привлекол внимание поради невообичаениот голем број на уплати и тоа на значителни суми. Фокусот е посочен кон мечот помеѓу Романките Андреа Миту и Патриција Марија Тиг и американско-руската двојка Медисон Бренгл-Јана Сизикова.

Посебно е сомнителен петтиот гем од вториот сет, на кој биле уплатени големи пари, кои се мерат во стотици илјади евра, дека Сизикова ќе го загуби сервисот. Тоа и се случило и тоа на „нула“, а згора на тоа Русинката направила две двојни грешки, меѓу кои една со чуден престап.

Случајот го испитува француската полиција, како и независно тело на интегритет на тенисот (ТИУ). Романките на крајот победија со 7-6, 6-4.