
„Кралевите на тенисот“ на собир во Саудиска Арабија – победникот ќе ќари 6 милиони долари!
Наградниот фонд на турнирот изнесува 13,5 милиони долари, а победникот би можел да заработи и до шест милиони долари – повеќе од паричните награди на најголемите гренслем-турнири. Во Ријад ќе настапат првиот на АТП листата Карлос Алкараз, вториот Јаник Синер, третиот Александар Зверев, легендарниот Новак Ѓоковиќ, четвртиот Тејлор Фриц и двојниот гренслем-финалист, Стефанос Циципас, кој го замени повредениот Џек Дрејпер.
Ова е втора сезона на турнирот „Шест кралеви“, кој се игра во формат од три сета. Минатата година Синер го совлада Алкараз во финалето. Натпреварите ќе бидат пренесувани во живо на платформата Нетфликс.
Турнирот започнува од четвртфинале, а поради АТП правилата што забрануваат настап во три последователни дена, мечевите ќе се играат во среда, четврток и сабота. Ѓоковиќ и Алкараз имаат повластен статус и директно ќе настапат во полуфиналето.
Во четвртфиналните двобои ќе се сретнат:
Александар Зверев – Тејлор Фриц,
Јаник Синер – Стефанос Циципас.
Финалето и мечот за третото место се закажани за 18 октомври (сабота).
Иако турнирот е егзибициски и не носи бодови за АТП листата, организаторите имаат цел да го промовираат тенисот и да го доближат до публиката на Блискиот Исток. Турнирот ќе се одржи во современа сала во Ријад, со капацитет од околу 8.000 гледачи.