Јотовски победник на Бовин Неготино Опен

Најдобриот македонски тенисер Томислав Јотовски е победник на Бовин Неготино Опен што се играше изминативе денови на терените на ТК Неготино.

Тој во финалето го совлада Стефан Мицов со 2-0 во сетови, односно 6:3 и 7:6(1) во гемови.

„Одиграв добар меч. Го дадов својот максимум денес, за да победам. Честитки до организаторот на турнирот, се надевам ќе се видиме и наредната година“, кажа Јотовски веднаш по мечот.

Претседателот на ТК Неготино, Ванчо Лазов, кажа дека турнирот има долга традиција и годинава решиле да ги соберат најдобрите македонски тенисери.

„Бовин Неготино Опен е турнир со долга традиција. Првиот турнир го организиравме во далечната 1994 и од тогаш наваму успеавме да изградиме една долга традиција и еве оваа година да ги собериме дел од најдобрите македонски играчи. На турнирот настапија 49 играчи од цела Македонија“, кажа претседателот на ТК Неготино.