Изненадување: Ѓоковиќ со нов тренер ќе проба да го освои Монте Карло!

Најдобриот светски тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ, со нов тренер ќе настапи на претстојниот мастерс турнир во Монте Карло – неговиот брат Марко ќе ја преземе таа улога, заменувајќи го Енди, кој ќе му се приклучи дури во Мадрид.

Србинот вели дека иако има голема желба да стигне до својата 100-та титула, овојпат пристапот му е поразличен и очекувањата се пониски.

„Оваа недела Енди нема да биде со мене, но ќе се видиме во Мадрид. Размислував кој би можел да го замени и Марко беше достапен. Тоа ќе ми помогне на еден поинаков, емотивен начин – ќе поминам време со брат ми на патувањето“, изјави Ѓоковиќ за „Спорт Клуб“.

Марко Ѓоковиќ е поранешен професионален тенисер со скромна кариера во која има само четири одиграни сингл мечеви и последен настап во 2019 година. Во двојки има резултат 3-10. Иако без поголемо тренерско искуство, неговото присуство ќе има значење за Новак, особено во делот од сезоната што доаѓа по тежок период за него.