Иванишевиќ: Ѓоковиќ уште сега е најдобар тенисер на сите времиња!

Хрватската тениска легенда Горан Иванишевиќ, кој му е тренер на српската ѕвезда Новак Ѓоковиќ, уште сега го прогласи популарниот Ноле за најдобар тенисер на сите времиња, иако Србинот моментно е трет на вечната листа по број на освоени гренслем-трофеи.

 

Иванишевиќ во интервју за “Јутарњи лист“ се присети на првата средба со Ѓоковиќ на академијата на Никола Пилич, кога легендарниот тениски тренер на сплиќанецот, бивш освојувач на Вимблдон, ја предвидел славната иднина на српскиот тенисер.

„Јас нема да заборавам првпат кога играв со Новак, а тој немаше ни полни 15 години. И тогаш Пилиќ ми рече: 'Ќе си ги исечам мадињата ако овој не стане број еден'. И гледајте сега – навистина се случи. Имате деца кои играат добро, ама имате и такви кои имаат 'нешто', што не се купува – тоа или го имаш или го немаш. Тоа е тоа што го раздвојува шампиони како Новак од некој што е 20-ти, 30-ти на листата. Ѓоковиќ е човек што секогаш сака нешто, кој има таква психа каква што немам видено досега. И за мене, уште отсега е најдобар на сите времиња. Плус што тоа ќе го докаже и ќе освои уште многу турнири и ќе урне уште многу рекорди. Во последниве 10 години нема никој што е близу до него. Ако е здрав и присутен, никој ништо не му може. Федерер ќе го урне по број на недели на прво место после УС-опен, а годинава може и да го достигне по број на трофеи. Ако тоа се случи, ќе направи нешто што само Род Лејвер го има направено (сите четири гренслем трофеи во една година – н.з.). Затоа велам, за мене е најдобар на сите времиња и Новак ќе биде најдобар во сите можни категории кога во иднина ќе се прават споредби“, вели Иванишевиќ..