Ѓорческа гази во Анталија: Ќе игра финале во дубл, а полуфинале во сингл!

Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа обезбеди полуфинале на Челинџерот во Анталија (Турција) и во сингл и финале во дубл, откако денеска запиша двоен триумф за да дојде на чекор пехар.

Македонската тенисерка експресно со само три загубени гема ја суреди бугарската тенисерка Петиа Аршинкова, победувајќи ја со 6-1, 6-2 за да стигне во полуфиналето и сега ќе се соочи со Магдалена Пантуцкова од Чешка, која во четвртфиналето беше уште поубедлива против Белгијката Ванлагендонк, триумфирајќи со 6-0, 6-1.

Ѓорческа е втора носителка на турнирот, додека Пануцкова е осма и досега амо еднаш играле меѓусебе во 20015 година, кога триумфирала македонската тенисерка со 7-6, 6-2 во првото коло на Челинџерот во Хрватска.

Во двојки, Ѓорческа во тандем со Хрватката Маријана Дражиќ, како први носителки денеска во два сета ја победија швајцарско-романската двојка Жени Дуерст-Јоана Гаспар, триумфирајќи со 6-3, 6-4 за пласман во финалето, каде ќе се соочат со подобриот од пресметката на холандската двојка (втори носителки) Ведер-Вишер и украинско-турската комбинација Петренко-Сариоглан.

Челинџерот во Анталија е со награден фонд од 15.000 долари.