Ѓоковиќ откри: Турнирот во Шангај е еден од најтешките во мојот живот!

Најдобриот светски тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ, се пласираше во полуфиналето на мастерсот во Шангај, совладувајќи го денеска Белгиецот Зизу Бергс (6-2, 7-5), во меч во кој повторно имаше големи проблеми поради тешките временски услови и високата влажност на воздухот.

Србинот уште од почетокот на турнирот се мачи со климатските услови во Кина, а по четврт-финалето призна дека тоа влијае и на неговата физичка подготвеност.

„Бергс е одличен играч и вистински спортски карактер. Имав проблеми во мечот, можев да го завршам на 5-4, но бев премногу пасивен. Условите во Шангај овие денови се навистина тешки, се обидувам да се прилагодам. Среќен сум што победив, бидејќи ова е еден од физички и здравствено најтешките турнири во мојата кариера“, изјави Ѓоковиќ по натпреварот.

Популарниот Ноле во полуфиналето ќе ги одмери со најголемата сензација на турнирот, Валентин Вашеро од Монако, кој како 204-ти на АТП-листата дојде до препоследната пречка на мастерсот во Кина.

ФОТО: EPA PHOTO