Ѓоковиќ остана без милионски бонус од АТП

Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ ја завршува 2023 година со приход од безмалку 16 милиони евра од приходите од турнирите, но ќе остане без бонусот што го доделува АТП.

Тој би изнесувал најмалку 4,5 милиони долари, но Србинот нема право на него затоа што годинава пропушти повеќе од три Мастерс турнири. Една од причините е што Ѓоковиќ не доби дозвола за влез во САД поради тоа што не е вакциниран против ковид-19, па не играше на турнирите во Индијан Велс и Мајами. Подоцна ги пропушти и Мастерсите во Мадрид (поради повреда), Монтреал и Шангај и со тоа не ја исполни квотата потребна за заработка на бонусот.

Карлос Алкараз, кој ја завршува годината на второто место заработи бонус од 4,4 милиони долари, а потоа се Данил Медведев со 2,3, па Јаник Синер со 2,1, Андреј Рубљев со 1 милион и Александар Зверев со 718 илјади долари.