Ѓоковиќ ќе почека за 100. титула: Синер го освои турнирот во Шангај

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ немаше сила за триумф (6-7 и 3-6) против најдобриот играч во светот Јаник Синер во финалето на мастерсот во Шангај.

Двајцата тенисери беа одлични на свој сервис во првиот сет сè до тај-брејкот, каде што почнаа проблемите за Ѓоковиќ, а тоа го искористи Синер за да слави со 7-4.

Италијанецот го мачеше Ѓоковиќ во вториот сет, откако го нападна неговиот сервис уште на стартот и направи брејк во четвртиот гем (3-1), по што Србинот не успеа да ја врати неизвесноста и загуби со 3-6.

Ѓоковиќ се надеваше дека ќе ја освои титулата во Шангај и со тоа ќе стане третиот тенисер кој успеал во кариерата да освои 100. пехари, меѓутоа ќе мора да почека за таков успех.