Ѓоковиќ го стигна Хрватот Чилиќ: Синсинати го враќа кон врвот на АТП!

Српската тениска ѕвезда Новак Ѓоковиќ синоќа напиша историја како прв тенисер кој успеал да ги освои деветте најпрестижни Мастерс-турнири во серијата 1000, откако го освои единствениот што му недостигаше – Синсинати.

Ѓоковиќ по победата против Роже Федерер во два сета, со триумфот освои 1.000 АТП-бодови и со тоа сега дојде на чекор од „топ пет“ на листата, израмнувајќи се на шестото место со Хрватот, Марин Чилиќ, кого го победи во полуфиналето во Синсинати.

Со триумфот, популарниот Ноле сега е на само 170 бода од петтиот Кевин Андерсон, а на 400 бода од четвртиот Александар Зверев. Хуан Манел Дел Потро, пак, кој е третопласиран му бега 1.050 бода.

На врвот засега неприкосновен е Рафаел Надал со 10.040 бода, а Шпанецот неделава не играше во Синсинати, додека Федерер заостанува со 7.080 бодови. Фактот дека Ѓоковиќ до крајот на сезоната не брани бодови има шанса да се врати во „топ три“, па дури и да стигне до првото место, ако има неверојатна серија на победи – УС-Опен, па Мастерсите во Шангај и Париз, како и завршниот Мастерс во Лондон.