Федерер: Најмногу жалам што не одиграв ниту еден меч со чудесниот Алкараз!

Еден од најдобрите тенисери на сите времиња, Роџер Федерер, утре во игра на двојки на „Лејвер купот“ во Лондон ќе го одигра последниот меч во пребогатата кариера, но со најава дека и понатаму ќе остане во овој спорт.

Швајцарецот засега не знае како би продолжил во тенискиот свет, нешто што би соопштил наскоро, потенцирајќи дека нема да го следи примерот на Бјорн Борг, кој 25 години по пензионирањето не стапнал на тениски терен.

„Сакам да останам во тенисот, да продолжам да комуницирам со луѓето кои го сакаат овој спорт. Се уште не знам во кој капацитет, ми треба време да размислам. Пред неколку недели дури и помислив дека би можел да се пробам како коментатор на тениските средби“, изјави Федерер.

Според многумина најдобриот на сите времиња има и работи за кои жали што не му се случиле во кариерата.

„Жал ми е што не одиграв ниту еден меч со чудесниот Карлос Алкараз, кого уживав да го гледам на 'Ју-Ес опен'. Одамна реков дека ќе се појават нови ѕвезди, а тој е една од нив. Само еднаш тренирав со него додека беше јуниор на 'Вимблдон' и уште од тогаш се гледаше дека ќе биде фантастичен“, дополни швајцарската легенда.

Федерер е задоволен со самотот тоа што е вклучен во конкуренција во дебатата за тоа кој е најдобар на сите времиња (ГОАТ), а потенцира дека најубаво се чувствувал кога го минал Пит Сампрас на врвот тенисери со најмногу титули (тогаш 15) и тоа со негово присуство на трибините.