Директорот на Австралија опен се прави луд: Гледачите не му свиреа на Ѓоковиќ

Еден од најмаркантните моменти од штотуку завршениот Австралија опен е оној од полуфиналниот меч меѓу Александер Зверев и Новак Ѓоковиќ кога српскиот тенисер мораше да предаде поради повреда, а за тоа доби жестоки свирежи од присутните на централниот терен.

Натпреварот траеше само еден сет кој го доби Зверев во тај-брејк, а потоа Ѓоковиќ само се доближи до мрежата за да го информира својот ривал за одлуката и да му честита на пласманот во финалето. Тоа предизвика гнев кај присутните кои место громогласен аплауз, упатија свирежи кон Ѓоковиќ, па Новак на заминување од теренот се сврте и иронично им покажа кренати палци. Јасно е дека гледачите сакаа да го понижат Ѓоковиќ, но директорот на Австралија опен, Крег Тајли одлучи да се прави луд и демантира дека свирежите биле лични и упатени кон него.

„Мразам свирежи, без разлика која е причината. Тоа не беше кул потег, но мислам дека беа упатени од разочарување и воопшто не го таргетираа Ѓоковиќ. Дури и во разговорите со другите играчи, сите беа сигурни дека гледачите не го исвиркуваа Ѓоковиќ, туку беа вознемирени затоа што платија билети, а гледаа само еден сет. Тоа требаше да биде епска борба, но неочекувано брзо се заврши“, тврди Тајли.

Пред тој меч, во јавноста имаше наратив дека Ѓоковиќ лажирал повреда во дуелот со Карлос Алкараз за да се одмори и да го „олади“ својот ривал. Тоа создаде гнев кај тениските фанови кои и во текот на натпреварот го исвиркуваа српскиот тенисер и се однесуваа недолично кон него.