
Алкараз го исполни првиот услов - титула на УС Опен го носи на првото место
Водечките на АТП листата ќе се борат за уште еден трофеј, но индиректно со тоа се вжештува и борбата за првото место. Алкараз има голема шанса во финишот од сезоната да ја преземе лидерската позиција бидејќи Синер брани многу бодови до крајот на годината. Смената на првото место може да се случи многу порано, веќе по финалето на УС Опен кој почнува идната недела, а завршува на 7 септември.
За Алкараз да си ги зголеми шансите за враќање на првото место по пауза од точно две години, потребно му беше да стигне барем до финалето во Синсинати во што и на крајот успеа. Со тоа веќе скрати 650 бода од предноста на Синер и си обезбеди можност да атакува на челната позиција во Њујорк.
Во најлош случај за Шпанецот (триумф на Синер вечерва), разликата меѓу нив ќе изнесува 2.590 бода. Во Њујорк Синер брани 2.000, а Алкараз само 50 бода, па со евентуална титула на шпанскиот тенисер, тој ќе заработи 1.950, а неговиот ривал ќе загуби најмалку 700 бода, во зависност од пласманот и со тоа ќе биде анулирана големата разлика. Ако Алкараз победи вечерва, неговата работа ќе биде олеснета, но сепак ќе му треба титула во Њујорк или рана елиминација на Синер затоа што во таков случај разликата ќе изнесува околу 1.900 бода.