Олимпиецот Дејан Пановски е нов претседател на скијачката федерација

Поранешниот македонски олимпиец Дејан Пановски е нов претседател на скијачката федерација на Македонија (СФМ), кој вчера беше избран на изборното Собрание и тој ќе има едногодишен мандат, по што повторно ќе има избор на прв човек на македонското скијање.

Пановски беше македонски олимпиец во 1998 и 2002 година, а сега ќе има предизвик да ги смири страстите во скијачката федерација, но и да ги подобри состојбите во скијачкиот спорт. На вчерашниот избор на Пановски присутни беа и претседателот на Македонскиот Олимписки Комитет (МОК), како и претставник на Агенцијата за млади и спорт (АМС).

„Како голем спортист, вљубеник во планините и скијањето и општо во спортот, максиманлно ќе се посветам и ќе дадам се од себе за конечно да имаме видливи позитивни резултати и напредок во овој спорт во нашата земја. Во наредниот период сите активности ќе бидат насочени кон унапредување на квалитетот на сите спортови при Скијачката федерација на Македонија, обезбедување на средства за млади-надежни натпреварувачи, усовршување на постоечките стручни кадри, како и популаризација и заживување на скијачките клубови а со тоа и зимскиот спорт во нашата земја“, рече Пановски.