Тинејџерската сензација од Канада урна уште еден светски рекорд – трети во пет дена!

Канадската пливачка, Самер Мекинтош, постави нов светски рекорд на 400 метри мешано, подобрувајќи го својот претходен резултат и тоа на Националното првенство во Викторија, кое е квалификациско за Светското првенство во Сингапур што ќе се одржи во јули.

Тинејџерката, која има 18 години и е трикратна олимписка шампионка од Игрите во Париз, ја заврши трката со време од 4:23,65 минути – што е побрзо од нејзиниот рекорд од 4:24,38, поставен во 2024 година.

Претходно, таа веќе ги урна светските рекорди на 200 метри мешано и 400 метри слободно.

„Очекував дека вечерва можам да постигнам нешто големо. Веројатно ова беше најдобрата трка во мојата кариера,“ изјави Мекинтош веднаш по натпреварот.

Изминативе денови беа извонредни за младата ѕвезда - таа во саботата го надмина рекордот на 400 метри слободно, во неделата исплива трето најбрзо време во историјата на 800 метри слободно, а во понеделникот го собори десетгодишниот светски рекорд во дисциплината 200 метри мешано.