Војнеска-Зикова: Луѓето на Димевски се исплашија од мене!

Изборот на вториот претседател во историјата на Македонскиот олимписки комитет (МОК), кој треба да биде наследник на вечниот Васил Тупурковски, наместо да биде свечен чин речиси сигурно ќе биде жестока борба, барем ако се суди по неочекуваното поништување на кандидатурата на Александра Војнеска-Зикова од Управниот одбор (УО) и тоа само поради сомнително толкување на законите.

Со два гласа за и еден против, „одборниците“ решиле дека предводничката на македонската атлетика нема доволен стаж на раководна функција во спортска федерација, иако една година е претседател, а претходно четири години била потпретседател на АФМ.

„Ова не доликува на институција како МОК, бидејќи не дозволуваат фер-борба. Жално е што Тупурковски, како правник, добро знае како се одредуваат раководните функции според Законот за здруженија, а според кој ние функционираме. Тоа е функција што управува и што е избрана од друга маса на луѓе, што дефинитивно е случајот со улогата потпретседател. Јас и пред да се кандидирам се консултирав со адвокати, кои ми потврдија дека ги исполнувам условите, инаку воопшто немаше да влезам во ваква битка ако не беше се како што треба. И се беше во ред, се додека луѓето од спротивниот табор не почувствуваа дека ја губат поддршката, па на 24 часа пред Собранието решија да ме елиминираат. А истиот тој МОК во петокот излезе со соопштение дека едниот кандидат има 34 гласа, а јас 13 при поднесувањето на кандидатурите. Што се смени во тие неколку дена, само тие знаат“, ни изјави Војнеска-Зикова.

Нејзин противник е Даниел Димевски, поранешен прв човек на КФМ и надворешен советник на премиерот Зоран Заев, кога против него беше отворен предмет од Државната комисија за спречување корупција, а беше и поднесено барање за кривична пријава до Јавното обвинителство.

„Ова апсолутно се нечесни игри од спротивниот табор. Додека се им одеше според планираното, работите беа добри, но кога луѓето почнаа да размислуваат надвор од нивната матрица, тогаш почнаа да покажуваат заби, што кулминира со обидот за моја елиминација. Луѓето на Димевски се исплашија од мене, гледајќи дека им се ниша тлото под нозете, па во ова видоа најлесен начин да стигнат до победата. Но, сигурна сум дека нема да им помине“, револтирана е првата атлетичарка во државата.

Гласањето на УО за одбивање на нејзината кандидатура не ја поколебува Војнеска-Зикова и луѓето кои во неа гледаат вистински човек за толку потребните промени во МОК. Таа дефинитивно ќе се појави на утрешното Изборно Собрание.

„Собранието е највисок орган, кое одлучува за сите работи, па ќе му доверам да го реши и мојот т.н проблем. Ние дефинитивно ќе се појавиме таму и очекуваме во најлош случај сегашниот претседател да каже дека имаме една комплетна и една некомплетна кандидатура по што членовите ќе треба да го кажат својот суд, дали мојата елиминација е законска или само обид во страв од страна на спротивната страна“, завршува Војнеска-Зикова.

Изборот на наследникот на Тупурковски, кој 28 години беше прв човек на македонскиот олимпизам, ќе се одржи утре во хотелот „Александар Палас“ со почеток во 18 часот.