Ваучерите и покрај пандемијата остануваат главен двигател на спортот во Македонија!

Покрај донесените итни мерки за помош на македонските спортисти и спортски работници најмалку во следните два месеци, како дел од стратегијата за справување на последиците од пандемијата со коронавирусот, Агенцијата за млади и спорт (АМС) потврди и дека нема отстапување ниту од ваучер-системот, преку кој државата годинава треба да „внесе“ дури 10 милиони евра во македонскиот спорт.

Директорот Дарко Каевски информира за синоќешните одлуки на Владата кои со нетрпение се очекуваа во спортските кругови, но воедно и потврди дека ниту Ковид-19 нема да ги прекине или да им наштети на заложбите на Владата и на АМС за давање директна инјекција за развој на спортот.

„Ваучерите продолжуваат да важат, односно продолжуваат да бидат проект кој вистински ќе ги сервисира потребите на спортските клубови и на федерациите. Јасно ни е дека поради кризата со која се соочуваме ќе се намали и потенцијалот на искористеност на оваа мерка, односно данокот на добивка кои ќе го плаќаат компаниите. Поради тоа, јас со целиот тим на АМС, како и Владата по завршувањето на кризата заедно ќе го вложиме сиот свој капацитет за реализација на спортскиот ваучер, слична како и кон крајот на минатата година, сѐ со цел што е можно поголем капацитет од оваа мерка да биде проследен кај тие за кои и е наменета – спортистите. Секако, како можност за остварување на нашата крајна цел, а тоа е подигнување на спортот на повисоко нив“, изјави Каевски.

Законот за спортски ваучери стапи на сила минатата година, кога клубовите и федерациите прво добија шест, а потоа и дополнителни четири милиони евра, кои до крајот на 2019 година најголемиот дел влегоа онаму каде што и беа наменети, а со цел за развој на спортот. Ваучерите за 2020 година веќе се распределени и тоа со идентична вкупна сума од десет милиони евра, а зборовите на Каевски само дополнително ќе ги уверат корисниците на оваа помош за решителноста на државата да застане зад спортистите како најголеми амбасадори на Македонија во целиот свет.