Сребрениот Георгиевски и каратистката Заборска ќе го веат македонското знаме во Алжир!

Македонската делегација од 114 членови, меѓу кои 77 се спортисти, ќе продефилира на вечерашното отворање на Медитеранските игри (МИ) во алжирскиот град Оран (21 часот), а ќе бидат предводени од сребрениот олимпиец, Дејан Георгиевски и каратистката Симона Заборска во улога на знаменосци.

На претходниот медитерански собир во шпанска Тарагона, македонските спортски се вратија со шест медали, а сега целта е освојување поголем број одличја. Најголема надеж за злато ни е таеквондистот Георгиевски.

„На претходните Медитерански игри освоив сребро, сега одам да освојам златен медал. Се надевам на повеќе медали од целиот наш тим, да бидат барем повеќе од десет“, изјави Георгиевски.

На игрите во Алжир ќе настапат вкупно 3.390 спортисти, а Македонија ќе има претставници во ракомет (мажи и жени), одбојка (мажи и жени), таеквондо, џудо, карате, борење, пливање, стрелаштво, атлетика и мечување.