Незамислива сензација: Германија ја елиминира Канада за финале во Пјонгчанг!

Кога во четвртфиналето ја елиминираа Шведска сите мислеа дека Германците имаа само еден среќен ден, но покажаа дека се навистина сериозна селекција совладувајќи ја и големата Канада за пласман во финалето на хокеарскиот турнир во Пјонгчанг.

Германците победија со 4-3, во возбудлив натпревар со напната завршница. Бранителот на златото од Сочи, Канада, цел меч беше во негатива, со оглед на водството на Германија кое за многу брзо време стана огромно. Во финишот на првата третина, во 15. минута, Мачек искористи „пауер плеј“ и го отвори резултатот, а веќе по седум минути во вториот период беше 3-0 за Германците. Плахта погоди во четвртата, а Мауер три подоцна.

Канада и овде беше подобра репрезентција, повеќе се обидуваше, но Германците, едноставно, беа порационални, ги користеа и оние шутеви кои им се укажуваа. Почна да станува интересно кога Бруле ја искористи предноста на Канада со играч повеќе во деветтата минута од вториот период за да намали на 3-1. 

Германците уште еднаш покажаа колку се опасни кога ќе им се остави простор, зголемувајќи на 4-1 во првиот момент кога дојдоа до играч повеќе и со тој резултат заврши вториот период. Е веќе третиот беше целосна доминација на Канада, која резултираше со ран гол на Робинсон за 2-4, а потоа и на Рој, оставајќи уште 10 минути на семафорот за Канада целосно да се врати.

Сепак, тоа не се случи, Германците го задржаа резултатот и првпат во својата историја се пласираа во финалето на едно ЗОИ. Таму ќе играат со Русија, која претходно ја победи Чешка со 3-0. Канаѓаните и Чесите ќе се соочат за бронза.