Нема намера да се пензионира: Нориаки Касаи ќе лета и на ЗОИ во Пекинг во 2022!

Нориаки Касаи, легендарниот Јапонец е неповторлив. Човек кој веќе две ипол децении постојано е дел од Зимските Олимписки Игри, човек кој напиша бројни историски потфати и кога сите очекуваа дека Пјонгчанг ќе биде неговиот крај на кариерата, тој – сите ги запрепасти.

Касаи нема намера да се пензионира, а по настапот на ЗОИ в Пјонгчанг, кои завршуваат в недела уште отсега најави – ќе ме гледате и за четири години во Пекинг. Кинеската престолнина, која беше домаќин на Летните Олимписки Игри во 2008 година, ќе биде домаќин и на ЗОИ во 2022. А, тогаш Касаи ќе има 49 години. Но, и тоа не му е пречка зошто и со 49 години планира да лета од скокалниците.

„Не велам дали сакам да одам во Пекинг, туку јас сум сигурен дека ќе одам. Па, јас успеав да го надгласам семејството и да го убедам дека сè уште треба да скокам. Вознемирен сум што не освоив медал, но тоа ми е мотив повеќе да одам во Пекинг за четири години“, вели Касаи.

Легендарниот Јапонец има таква енергија и сила што уште отсега најавува дека ниту Пекинг нема да биде негова последна дестинација во кариерата. Туку, напротив ќе се труди, ако здравјето го послужи, да стане легенда над легендите, па во 2026 година да запише учество на своите десетти ЗОИ во кариерата.

Дебитираше на ЗОИ во Албертвил во 1994 година, а четири години подоцна во Лилехамер го освои првиот медал, тимското сребро на големата скокалница. Во Сочи се закити со уште две медали, сребро индивидуално и бронза тимски. Така стана најстариот освојувач на медали и индивидуално и тимски со 41 година и 254 дена. Во Пјонгчанг, освен што е осми пат на игрите, постави рекорди и по број на тимски и индивидуални стартови (6+15).

Покрај двете сребра и бронзата од ЗОИ, во кариерата има и седум медали од светските првенства – две сребра и пет бронзи.