Македонец настапи за Канада на ЗОИ со ликот на Свети Климент Охридски на срцето!

Македонија со настап на четворица рекреативци неславно го заврши настапот на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Милано и Кортина, но малкумина знаат дека дел од овој спектакуларен настан беше уште еден спортист со македонско потекло, кој не се срамеше да покаже од каде се неговите корени.

Станува збор за Лука Стоикос, кој беше дел од втората постава на Канада во боб-четирисед, која го освои 20. место по четирите трки на олимписката стаза. Неговиот настап привлече внимание не поради резултатот, кој не беше сјаен, туку што под скијачкото одело постојано носење маица со ликот на Свети Климент Охридски, кого го смета за свој заштитник.

Причина за тоа е што неговите баба и дедо се долгогодишни донатори на македонската православна црква „Свети Климент Охридски“ во Торонто, а татко му Борис бил и претседател на црковниот одбор.

„Моето семејство и македонската заедница ми се голема поддршка во мојата спортска кариера. Иако сум роден во Канада, моето македонско потекло е нешто на кое сум многу горд. Се натпреварувам за Канада, но чувствувам и дека ја претставувам и македонската заедница, секако заедно со италијанската според мојата мајка“, вели Стоикос.

На ЗОИ настапи уште еден спортист со македонско потекло и тоа хокејарката Кристин дела Ровере, која е родена и живее во Канада, а се натпреваруваше за Италија, родната земја на нејзниот татко Фаусто. Нејзината мајка, Елизабета Димовска е стоматолог, а баба ѝ Драгица и дедо ѝ Мицко се основачи и долгогодишни уредници на радио програмата „Обединета Македонија“ во Торонто.