Хаосот кулминира: Следбениците на Војнеска-Зикова го напуштија Собранието на МОК (ВИДЕО)

Тоа што постојано висеше во воздух, поради начинот на кој беше водено вечерашното Собрание на Македонскиот олимписки комитет (МОК), кулминира пред последната точка за избор на нов претседател, кога голем дел од членовите решија да го напуштат состанокот разочарани од односот на луѓето кои го предводат македонскиот олимпизам.

Првиот човек на боксот во државата, Примислав Димовски, беше тој што повика на заминување, што беше прифатено од Александра Војнеска-Зикова, едниот од двајцата кандидати за наследник на Васил Тупурквоски и од нејзините следбеници. Тие си заминаа, но Собранието продолжи да работи, без да биде проверено дали има доволен кворум за работа. Реакција имаше и од вториот кандидат, Даниел Димевски.

„„Многу ми е жал што не ја дочекаа последната точка да се обединиме. Не гледам како може да се спротивставиме на ваков неспортски начин, мали деца го прават ова, нема да победам, па не играм. Детско однесување“, изјави Димевски.

Продолжувањето на седницата значи дека Даниел Димевски ќе биде новиот прв човек на МОК, но дали неговиот мандат ќе биде прифатен од јавноста и државата, дополнително ќе се види. Особено, што против неговиот избор имаше голема кампања и од опозициската ВМРО ДМПНЕ пред првиот човек за спорт во оваа партија, Борко Ристовски.