Хаос пред стартот на ЗОИ 2026 – виновни се италијанската мрза и недовршената жичарница!
Ова е вторпат Кортина да биде домаќин на ЗОИ, по оние во 1956 година, со што се приклучи на малата група градови кои двапати ја имале таа чест, заедно со Сент Мориц, Инсбрук и Лејк Пласид. Иако свеченото отворање ќе се одржи денеска и тоа истовремено во неколку градови на северот на Италија, натпреварите во карлинг во Кортина веќе се во тек и ќе се играат во текот на сите 19 натпреварувачки денови.
Вистинскиот тест за градот допрва следи. Со свеченото отворање се очекува значително зголемување на бројот на посетители и возила, што ќе создаде дополнителен притисок врз тесните и слабо поврзани сообраќајници. Последните обилни снежни врнежи дополнително ја влошија ситуацијата, а патувањето низ Кортина во средата навечер беше исклучително отежнато. Иако времето во четвртокот се стабилизираше и сонцето ја откри дел од убавината на местото, посетата на скијачкиот центар Тофане покажа дека подготовките не се без проблеми. Првиот тренинг во спуст беше откажан поради снег и лоши временски услови, а прашање е дали патеката беше подготвена дури и во идеални услови.
Најголемата главоболка за организаторите е новата кабинска жичарница, која треба да го поврзува центарот на Кортина со Тофане. Проектот вреден 34,9 милиони евра нема да биде завршен навреме, иако од државната агенција „СИМИКО“ до пред неколку дена уверуваа дека сè оди според планот. Жичарницата, која со 50 кабини требаше да превезува до 2.400 лица на час, сè уште не е оперативна. Новиот, оптимистички рок за пуштање во употреба е 12 февруари, за време на трката во супер-велеслалом и тоа со половина капацитет.
Токму затоа, 8 февруари, кога е закажан спустот, ќе биде првиот голем тест за сообраќајната инфраструктура. Без функционална жичарница, сите кои ќе сакаат да стигнат до патеката ќе мора да користат патишта кои и во нормални услови се тешко проодни. Пред 70 години, кога Кортина самостојно беше домаќин на Игрите, тоа било изводливо. Денес, со далеку поголем број посетители, ситуацијата е многу покомплексна.
ФОТО: EPA PHOTO