Гечевски за момент ги обедини двете „закрвавени“ страни за претседател на МОК!

Поранешниот кошаркарски репрезентативец и сегашен спортски директор на КФМ, Тодор Гечевски, од вечерва е и член на Собранието на Македонскиот олимписки комитет (МОК), кој, случајно или не, е избран пред гласањето за нов претседател на оваа највисока спортска организација во државата.

Токму тоа предизвика реакција кај подржувачите на Александра Војнеска-Зикова, со оглед што е јасно дека популарниот Тоше својот глас ќе го даде нејзиниот противник Даниел Димевски, кој беше прв човек на КФМ. Тие побараа точката за прием на Гечевски да се помести по изборот за наследник на Васил Тупурковски или да се прими, ама без право на глас, но тоа не беше прифатено.

Потоа, помалку спонтано, членовите на Собранието без разлика на кој табор припаѓаат, акламативно го прифатија приемот на легендарниот кошаркар, кој го пополнува местото испразнето по смртта на Благоја Георгиевски-Буштур.

Собранието сѐ уште е во тек.