Кога 20 години ве нема на олимпискиот подиум, полека затапуваат сетилата за врвен спортски успех и потпросечното го земате за нормално. Брозениот медал на Могамед Ибрагимов од 2000 година стана премал за да ги сокрие сите македонски симболични настапи и туристички учества сè до оваа 2021 година, која мислевме дека ќе ја паметиме исклучиво по настапот на Европското фудбалско првенство. Меѓутоа, дојде 27 јули и временскиот континуум за миг запре за да запише бележник во историјата на македонскиот спорт. Првпат некој спортист во самостојна Македонија учествуваше во финале на Олимписки игри и застана гордо со сребро околу вратот.

ВЛАДКО АРСОВ

Неговото име е Дејан Георгиевски и тој е заслужен што илјадници Македонци ова лето го збогатија својот речник со зборот таеквондо. Има само 22 години и ѝ пркоси на перцепцијата за македонски спортист со своите дисциплина, самодоверба и работна етика. Пред да замине за Токио вети медал и го одржа зборот, додавајќи го најсјајното парче метал во својата колекција, која веќе содржеше златни и сребрени медали од Европски првенства, Светски куп, Медитерански игри итн.

За Македонија ја одбележа годината, за себе и за своите тренери ги збогати кариерите, но ниту еден од нив нема намера да застане само со среброто од Токио. Зборуваат за нови походи, за мундијалско злато, за Олимписките игри во Париз. Спорт1 ја посети базата на македонското таеквондо, салата во основното училиште „Св. Климент Охридски“ во Бутел и поразговара со нашата личност на годината Дејан Георгивски и со неговиот тренер Борче Костовски.

Како изгледа големиот успех од Токио сега, по пет месеци?

„Помина долг период, се фокусиравме на прославата, се радувавме и славевме сите, но сега веќе тоа некако легна, фокусирани сме кон други работи. Веќе почнавме подготовки овде во Скопје, а планираме да одиме и надвор од Скопје на стартот на новата година, некаде на повисока надморска височина. Ги насочуваме мислите кон натпреварите и кон тоа што ни следува, некако веќе не размислуваме на успехот, гледаме напред, бидејќи нè чекаат нови предизвици. Треба да собираме поени за Олимписките игри во Париз“.

Успехот ќе созрее во убав спомен, но ќе ја крене летвичката повисоко за идните предизвици, дали така гледаш на тоа?

„Секако, да. Искрено, нам целта и овој пат ни беше да донесеме златен медал од Токио, но ете не успеавме во тоа, фала му на Бога донесовме сребро. Затоа фокусирани сме од Париз секако да освоиме еден златен медал и уште неколку други медали, бидејќи таеквондото има голем потенцијал во Македонија. Јас сум сигурен дека за Париз 2024 ќе имаме повеќе остварени норми“.

Како изгледаа деновите пред Токио, какви беа подготовките и колку се поразлични од некое друго големо натпреварување?

За да одите на Олимиски игри, формата мора да биде на највисоко можно ниво. Човек не може да се подготви на тоа ниво два-три пати годишно. Пред сè не е здраво за телото, а и нема потреба од таков подвиг. Тренинзите беа посебни. Тренерот веќе 90 отсто очекуваше каква ждрепка ќе имаме на крај така и се погоди. Знаевме дека првата борба ќе ни биде со Кубанецот Рафаел Алба и се фокусиравме на неа. Таа ни беше најважна, бидејќи знаевме дека ќе ни биде, можеби, најтежок противник, како актуелен светски шампион. Знаевме дека, ако го победиме него, потоа сè ќе биде полесно. Затоа тренинзите беа базични, но стручниот дел, таеквондо делот беше подреден на Кубанецот“.

Го победи Кубанецот и што потоа?  Што се разговараше и како се чувствувавте во исчекувањето на следните борби?

„Има еден интересен момент, по секоја борба тренерот ме прашуваше ‘Деки, кога почнува следната борба?’, јас одговарав ‘сега почнува’. Ние гледавме од борба во борба, па можам да кажам слободно и од рунда во рунда. Не ни размислувавме на полуфиналето или на финалето, туку секоја борба ни беше ко да се работи за живот и секоја беше финале. Затоа, кога стигнавме до финалето, јас немав чувство дека сум во финале, туку знаев дека јас сум дојден овде да ги победам сите и морам да го направам тоа и во оваа борба. Немав некоја посебна еуфорија“.

Метеоролозите во Токио го најавиле „Тајфунот Дејан“!

Особено сликовито ги објасни деновите и часовите 27 јули тренерот Борче Костовски. Вели од една страна размислувале на секој најмал детаљ и секое можно сценарио за првата борба, а од друга, морале да го ослободат умот и да разговараат за сè друго освен за таеквондо.

Можете ли да се сетите како ви беше деновите, па и саатите пред 27 јули?

„Знаете, една од работите кои го дефинираат врвниот спорт е психолошката подготовка. Понекогаш разликата меѓу добриот настап и одличниот настап е само еден чекор. Во тој еден чекор имаме сублимат на сè што е потребно за добра психолошка подготовка. Сето тоа, треба да се усклади и со физичката подготовка и сè попатно што оди со тоа. Ме прашавте дали се сеќавам и тоа како се сеќавам и мислам дека доживотно ќе ги памтам тие две-три вечери пред борбите. Беше тешко да се заспие во нашата соба. Ноќта на 26 кон 27 јули, значи пред борбата, најавија некој тајфун дека се спремал над Токио. А ние многу добро знаевме кој тајфун надоаѓа, Дејан Георгиевски. Таа ноќ мојот брат виде дека не можам да спијам и ми вика ‘ајде со мене да излеземе надвор’. Беше околу 4 часот наутро, а не можевме да спиеме. Излеговме да прошетаме низ олимпиското село и се сретнавме со џудо-тимот на Грузија, кој тој ден освои сребро и им честитавме. И откако се разминавме си рековме, утре е нашиот ден, вака ќе треба и ние да примаме честитки. Секако, беше една атмосфера која тешко се опишува со зборови, само тоа што човек не може да заспие кажува многу. Мислиш на сите детали, сите ситници сè додека не дојде момент брат ми да пресече и да рече ‘сè е веќе математички завршено, сега одиме во акција’. Така што, психолошкиот момент беше до почетокот на турнирот. Откако почна, можам нескромно да кажам сè беше подготвено до детаљ“, вели Костовски.

Како гледате на настапот во Токио од оваа дистанца? Легна ли, созреа ли, ве мотивира ли за нешто поголемо?

„Да вистина е, поминаа пет месеци, а како да беше вчера 27 јули. Интересно е како тоа останува во мојата меморија, а верувам и во колективната меморија на македонската спортска јавност. Сега од оваа дистанца, секако, согледувам работи, кои не сум можел да ги забележам во прво лице и има некои работи кои се мотивирачки, за во иднина да работиме со посилен жар“, додава тренерот.

Сега знаете што би смениле, што би направиле поинаку?

 - Најверојатно да.

Цел ден Дејан немал поим дека ја крена Македонија на нозе

Дејан, импонираш со смиреноста, со сталоженоста. Во кој момент во Токио прсна радоста од тебе, сфати што направи и си дозволи да покажеш емоции?

„Првпат се израдував кога заврши денот и кога стигнавме во хотелот. Јас го имав оставено телефонот кај докторот, а тој беше заминат, бидејќи фати доцна, по финалето имавме допинг-тест, па потоа церемонијата... Кога се вратив во собата и го зедов телефонот, кога видов што се случува на социјалните мрежи, јас бев во шок. Тогаш веќе почнаа да ми доаѓаат емоциите. На почетокот бев разочаран, морам да признаам, бидејќи не освоив злато. Околу саат-време не ми се правеше муабет со никого, но потоа кога сфатив колку голем успех направивме – се израдував. А најсилни емоции имав кога стигнавме овде, на аеродромот во Скопје“.

Дали и како ти се смени перцепцијата на спортот по ова искуство. Сигурно Олимписките игри се различни и поголеми од сè останато досега?

„Да отидете на Олимписки игри, да учествувате меѓу најдобрите 16 од целиот свет, избрани, секој професионалец. Јас гледам на работите така што сметам дека можам да научам од секого. Дури и од помладите овде во нашиот клуб, ние ги учиме нив, а тие нас. Затоа немам некое друго гледање на спортот, исто е како претходно, но продолжуваме напред со уште поголемо искуство. Сега знаеме што ќе се случува во Париз. Ние сме биле и на СП и на ЕП, но самата организација, кога ќе стигнете во олимпиското село гледате дека е некое друго ниво. Јас и сега бев добро психички подготвен, се обидував да гледам на сето како обичен натпревар – а не е – и затоа бев доста смирен во борбите“.

Досега луѓето можеби не знаеја, можеби некој слушнал, но по твојот успех веќе сите знаат што е таеквондо. Се чувствува ли дека стана попопуларен?

„Секако, веќе подолго време се трудиме да го популаризираме овој спорт. И претходно имаме големи успеси, зборувам како федерација. Освоивме седум медали од ЕП, медал од СП, од Медитерански игри, од Балканско првенство имаме можеби преку 30, но по Токио дефинитивно интересот е зголемен. Исто така, во последните четири години редовно имавме номинации за спортист на годината, за тренер на годината и веќе полека, но сигурно луѓето дознаваа што е таеквондо. Но по овој медал верувам 80 проценти од државата знае што е таеквондо“

Има ли овој спорт некаква возрасна граница. Во некои спортови максимумот се дава до кај 25-26 години потоа спортистите „паѓаат“. Ти си сè уште млад, но дали може да те очекуваме не само во Париз, туку и понатаму?

„Нема некое правило или граница. Според мене тоа е индивидуално, кој како се чувствува и колку мисли дека може да постигне. Јас сум сигурен и убеден дека можам да одам и до Лос Анџелес, а за понатаму здравје, ќе видиме. Здравјето е најважно, ако немате повреди сè е многу полесно. Вие можете да се подготвувате четири години за ОИ, да собирате поени и може на еден тренинг, ете може да отидете во Токио и таму не дај боже да се повредите и – тука згаснува сè. Затоа здравјето е најважното мерило“.

Македонија имала многу претставници на Олимписки игри, но никој во последниве 20 години не дошол ни блиску до ваков успех. Што е тајната на Дејан Георгиевски?

Јас можам да зборувам за таеквондо, за другите не знам. За нас најзаслужни се тренерите, Борче и Дарко Костовски. Јас и кога најмалку сум верувал, тие секогаш биле тука. Тренерот Борче веруваше 150 проценти и знаеше дека можеме да го оствариме ова. Секако, ако немате добри тренери, добри подготовки, добар план, колку и да верувате, тоа не може да се постигне. Е сега, што е проблемот со другите спортови...не можам да кажам“

Секој сам да си ја најде сопствената формула за успех?

„Така е. Јас само би им препорачал да не се откажуваат, да веруваат во себе. Тоа што го зацртале, кога тогаш ќе го постигнат, само треба да бидат истрајни“.

Постои ли некое сценарио во кое 2022 година може да ти стане поомилена од 2021?

„Треба да се случи на Европско првенство и златен на Светско. Ако успеам да го направам тоа веќе 99 проценти ќе бидам квалификуван за Париз. Ние целиме кон тоа, да стигнеме дотаму. Првите шест од светската ранг-листа влегуваат директно, останатите имаат квалификации, а јас сум во моментов петти. Но, се разбира, со првенствата се собираат поени, па некој може да ве потисне подолу или, пак, да се качите погоре. Затоа велам, да освојам злато на ЕП и на СП и ќе бидам помирен. ЕП се одржува во мај, во Манчестер, за СП се чека точен датум, требаше да биде лани, но одложено е поради пандемијата“.

„Очекувам неколку медали во 2022, а со Дејан имаме недовршена работа“

Нема сомнеж дека Олимписките игри се искуство кое не се споредува со нешто друго, но можеби е површно да се каже дека сега веќе ја имате формулата за успех. Колку ова искуство ќе помогне да освојувате уште големи медали во иднина?

Токио беше едно поинакво искуство, првпат дојдовме на Олимписки игри, првпат Македонија освои норма по толку време. Секако, целиот товар беше врз нашата екипа, за да го обелиме образот на македонскиот олимписки спорт. Имавме еден константен притисок и меѓу нас самите, бидејќи ние отидовме со намера да стигнеме до финале, па дури и да земеме злато, плус очекувања имаше од јавноста, бидејќи Дејан веќе имаше освоено европско злато, светско злато и Олимписките игри се гледаа како еден логичен пик на неговите достигнувања. Затоа можеме да кажеме дека сега веќе патот е разгазен кон целта. Меѓутоа, сега настапуваме од малку поинаква позиција. Ако претходно бевме луѓе коишто бркавме, сега нас нè бркаат во светот на таеквондото. И секако, треба да се менуваат некои работи и во тој дел, во подготовките, психолошката и физичката и сè што доаѓа со тоа“, вели Костовски.

Дејан замина за Токио со јавно ветување дека ќе освои медал, што за жал, е реткост во македонскиот спорт. Имаше ли можеби гледање со недоверба во тие моменти кон вас, можеби да не ве сфаќаа сериозно?

„Да бидам искрен, најверојатно имало, но мене тоа не ми е од некое посебно значење, кој што мисли во тој правец. Мене ми беше важно да си го изработиме тоа што ни требаше нам и на Дејан. Да дадеме 110 проценти во целата ситуација, тоа беше нашиот фокус“.

Што е следно, што очекувате да донесе иднината?

“Имаме ЕП во месец мај, во Манчестер, сениорско. Очекувам едно комплетно учество на македонската таеквондо репрезентација и нема да бидам нескромен ако речам дека очекувам, барем, неколку медали. Се очекува да има и СП, иако тоа не е својствено да се одржуваат ЕП и СП во иста година. Сепак, пандемијата си го направи своето, па би биле малку збиени натпреварите, но ќе видиме дали ќе биде така. Имаме со Дејан незавршена работа и тоа е фокусот за иднината. Тука би сакал да спомнам дека имаме уште едно момче, Филип Додевски, кој во олимписките квалификации се повреди, ја скрши раката при водство, во борба со актуелен светски шампион. Со него имаме започната работа, а со останатите момци и девојки од таеквондото во Македонија, допрва влегуваме во авантура“.