Русија победнички тргна по одбрана на круната, ама загуби еден сет од Турција

Актуелниот европски шампион Русија денеска со лесна победа, но со еден загубен сет ја започна одбраната на круната од Полска пред две години, триумфирајќи со 3-1 во сетови во нашата група во Љубљана (25-13, 23-25, 25-17, 25-15).

Русите ја оправдаа улогата на голем фаворит, па на Турците во трите сета не им дозволија да се приближат на повеќе од 17 поени. Тргна „зборнаја“ убедливо со само 13 загубени поени, но следеше шок со загубениот втор сет, за во следните два без мака да ја завршат работата. На Турците во третиот им дадоа 17, а во четвртиот само 15 поени за да ја запишат првата победа.

Македонија го стартува својот деби настап на европските првенства со пресметката со Финска, мечот кој е еден од клучните во атакот да се мине групата. Од нашата група, последен игра ко-домаќинот Словенија, од 20.45 часот против Белорусија.