Почнува ЕП во одбојка, игра Струмица под македонско знаме!

Македонскиот спорт денеска ќе запише едно поглавје кое никогаш не постоело во нашата историја - првпат ќе настапиме на европско првенство во одбојка. Меѓу 24-те земји учеснички ќе се развиори и македонското знаме, арно ама нема да згрешите ако кажете дека ќе игра Струмица, а не Македонија.

Епицентарот на одбојката во Македонија веќе со години е Струмица, а колку е влијателна таа вистина ќе ви одговори списокот со репрезентативци кои ги пративме на ЕП во Љубљана. Од 15-те кои денеска ќе излезат на деби-натпреварот против Финска, дури девет се струмичани! Од шестмината во првата постава - пет!

Се разбира, ги предводи капитенот Никола Ѓорѓиев, тука е неговиот брат Ѓорѓи, а сограѓани им се уште и Александар Љафтов, Владо Милев, Ристо Николов, Васе Михаилов, Славе Наков, Филип Маџунков и Стојан Илиев. Тоа се 9 од 15, влијание какво што немале ниту стружани во ракометната репрезентација, ниту кој било друг град во која било друга репрезентација.

Затоа „официјален јазик“ во нашиот национален тим е струмичкиот, па Деспотовски, Ангеловски, Николовски (Скопје), Милков (Штип) и Андонов (Пробиштип), мора да се приспособуваат.

Правопропорционална со експанзијата на струмичани во македонската репрезентативна одбојка е и неколкугодишната доминација на клубот од нивниот град, со по седум пехари во првенството и во Купот на Македонија. Колку што е позитивно за градот од југоистокот на државава, толку е тажно што целата репрезентација се потпира најмногу на еден центар. Во останатите градови, со мали исклучоци, одбојката е оставена на лични блесоци и индивидуални иницијативи.

Учеството на едно Европско првенство е вистински начин за афирмација и популаризација, особено ако Македонија направи успех. Засега, тоа се преведува со пласман во осминафиналето преку нашата група, во која се уште и Финска, Турција, Русија, Белорусија и Словенија, за што ќе ни треба освојување, барем, на четвртото место. Почнуваме денеска од 17.30 часот, против Финска