
Пауновиќ: На хартија може изгледа поинаку, но - Македонија не е аутсајдер!
Според селекторот Пауновиќ ги изнесе своите очекувања и смета дека тоа што два турнири играме на домашен терен, може да биде одредена предност, но и притисок. Пауновиќ истакна и дека противниците во групата добро ги познаваме.
„Со девојките кои се дел од репрезентацијата веќе некое време градиме одреден систем на работа. Добро ги познаваме и противниците, мислам дека имаме шанси, тоа се некои репрезентации кои се на наше ниво. Очекувам да одиме чекор по чекор, таков ќе биде договорот и со девојките, чекор по чекор и ќе го видиме на крајот резултатот. Два турнири играме на домашен терен и тоа може да биде и предност и притисок. Ние ќе се подготвуваме, тој притисок да го претвориме во предност. Тоа ќе ни биде важно во овој период да се подготвиме и ментално, и физички и тактички за да бидеме подготвени за она што не очекува. Оптимист сум, веќе ги гледав натпреварите на ривалите од претходниот циклус. Луксембург во последните години има убав континуитет, Швајцарија е селекција која сеуште има шанси за пласман на Европското првенство, но во оваа Сребрена лига сигурно не влегуваме како аутсајдери, без разлика што се кажува на хартија. Сигурен сум дека ќе се бориме за се – за секој поен, за секој сет, со секоја екипа. Нема да гледаме кој е на другата страна, ние ќе ја играме нашата игра и ќе се подготвуваме за тоа, а кој ќе се најде на спротивната страна треба да се плаши“ – потенцира селекторот Стефан Пауновиќ.
Македонија подготовките ќе ги одработи во салата „Парк“ во струмица, а ќе бидеме домаќини и на турнирот кој ќе се игра од 30 мај до 1 јуни во кој ќе ги одмериме силите со Луксембург и Швајцарија.
„За овој летен собир очекуваме разиграна игра, имаме повеќе натпревари во кои може да се прикажеме во подобро светло во однос на претходните години. Очекуваме да дадеме се од себе и да дадеме резултат. Сметам дека е голема предност за нас што ќе играме на домашен терен два турнири, очекуваме голема поддршка од трибините. Ќе одиме чекор по чекор, натпреварите во Сребрената лига ќе бидат одлични за нас како подготовка за квалификацискиот двомеч што не очекува во август, и ова е само голем плус за нас“, вели Мери Бошковска, репрезентативката на Македонија.
Овие натпревари за македонските одбојкарки можат да бидат и одлична подготовка за квалификацискиот двомеч со Грција и Австрија за Европското првенство во 2026 година.