Македонската одбојкарска репрезентација денеска имаше уште еден тест пред дебитантскиот настап на Европското првенство (ЕП), на кој успеа да ја победи Шведска со 3-2 во сетови, односно 21-25, 25-21, 25-11, 14-25, 16-14.

Во првиот сет Швеѓаните беа поквалитетен противник, а на средината од сетот успеаа да направат серија за водство од 22-17, по што немаше враќање и Македонија загуби со 21-25.

Шведска почна да води во вториот сет, но Македонија направи пресврт (12-11), а подоцна и серија од 4-0 по што стигна до 23-19. Нашите одбојкари играа добро до крајот на сетот и го освоија со 25-21.

Македонија во третиот сет тргна убедливо уште во првите минути, па поведе со 8-3, а наскоро стигна и до двоцифрена предност од 17-7. По што со сигурна игра одбојкарите го освоија вториот сет со 25-11 и поведоа со 2-1 во сетови.

Македонија имаше лош старт во четвртиот сет, па Шведска најпрво поведе со 5-1, а потоа и со 10-3, па не им дозволи на македонските одбојкари да направат пресврт и израмни на 2-2 во сетови, откако го освои сетот со 25-14.

Македонските одбојкари, сепак, на крајот стигнаа до победа, иако тргнаа лошо во тај-брејкот. Репрезентативците имаа негатива од 6-8, но направија серија од три поени за пресврт од 9-8, по што се водеше голема борба до крајот, а важен поен во играта до два разлика (16-14) постигна Љафтов.

Да потсетиме, првиот меч „спартанците“ на ЕП го играат на 12 септември против Финска.