
Љафтов: Во Струмица ќе покажеме најдобра одбојка!
Последниот турнир од годинешното издание на Европската златна лига, македонската ракометна репрезентација го игра во Струмица.
Утре (петок) играме со Израел, а во недела ќе се сретнеме со Црна Гора.
По четири одиграни натпревари Македонија има една победа и три порази. Љафтов верува во добри изданија во Струмица.
„Лично сметам дека на турнирот во Струмица ќе покажеме најдобра одбојка. Играњето пред домашна публика секогаш носи посебен мотив и инспирација, а и веќе имаме четири официјални и два пријателски натпревари зад нас во овој циклус и од натпревар во натпревар растеме во формата. Репрезентацијата се подмладува, селекторот дава шанса и на играчи кои претходно имале помала минутажа и за нас е најважно дека целиот тој процес оди добро. Анализата на досегашните натпревари вели дека со Словачка можевме да одиграме подобро, додека Финска е еден од фаворитите за пласман на Ф4. Минатиот викенд имавме добар турнир, со победа во пет сета над Латвија, тежок, исцрпувачки меч и потоа Грција која исто така за мене е еден од претендентите за финалниот турнир“, вели еден од предводниците на репрезентацијата, Александар Љафтов.
Мечот против Израел ќе го играме без публика по барање на израелската селекција поради случувањата во Иран.
„Посакувам две победи на последниот турнир во Струмица. Ќе имаме проблеми со Израел. Тие немаат пораз досега и се борат за место на Ф4. Ние играме пред празни трибини и ќе биде тешко, минус е за нас отсуството на публиката. Што се однесува до Црна Гора, оптимист сум и размислувам позитивно и убаво би било победнички да се одјавиме од годинешното натпреварување. Најважно е дека атмосферата во екипата е одлична и верувам дека тоа ќе го пренесеме и на теренот, а моите струмичани ги замолувам во што поголем број да дојдат в недела во салата ‘Парк’ и да ја поддржат репрезентацијата“.
Сите натпревари од турнирот во Струмица ќе имаат директен телевизиски пренос на националниот сервис (МРТ3).