Голем удар за шампионот: Таткото на Нурмагомедов ја загуби битката со коронавирусот!

Абдулмапад Нурмагомедов, таткото и тренер на најголемиот шампион во моментов во УФЦ-серијата, Хабиб Нурмагомедов, почина денеска на 57-годишна возраст по здравствените компликации настанати од болеста Ковид-19.

Станува збор за еден од најпознатите тренери во мешани боречки вештини во светот, кој имаше срцев удар откако беше позитивен на тестот за коронавирусот. Веднаш му беше направен бајпас и двапати беше ставен во индуцирана кома, а по извесно време ја загуби битката. Веста за смртта на таткото на Хабиб ја објавил личниот првиот човек на Република Чеченија, Рамзан Кадиров, кој бил негов голем пријател.

Абдулмапад е најзаслужен што Нурмагомедов јуниор стана светски првак во УФЦ, по победата над Колин Мекгрегор во 2018 година во Лас Вегас. Тој пренаменил голем дел од родната куќа во сала на тренинг, каде што младиот Хабиб напорно работел на сите боречки вештини.

Сега станува нејасно што ќе биде со понатамошната кариера на Нурмагомедов по смртта на неговиот татко и тренер, со кого бил неверојатно близок.