Скопје повторно ќе биде домаќин на „Златен Гонг“

Скопје ќе биде домаќин на традиционалниот боксерски турнир „Златен Гонг“ од 8 до 11 ноември, а покровител ќе биде Агенцијата за млади и Спорт (АМС).

Директорот на АМС, Дарко Каевски кажа дека традиционалниот турнир ќе биде организиран во Скопје.

„Традицијата ќе продолжи и годинава. Една од најстарите боксерски манифестации во Република Македонија, турнирот ‘Златен Гонг’ по 48. пат ќе биде организиран во Скопје. Златниот гонг е синоним за секое боксерско име од светската боксерска сцена. На турнирот 1969 година досега се појавија многу светски имиња меѓу кои Мате Парлов, Звонимир Вуин, Реџеп Реџеповски, Мухамед Алија, Примислав Димовски, Вели Мумин, Аце Русевски и многу други“, кажа Каевски.

На турнирот се пријавени над 40 боксери од Македонија, Бугарија, Романија, Словендија, Албанија, Косово и Србија, а борбите ќе се одржуваат во СЦ „Борис Трајковски“. Инаку, полуфиналните борби почнуваат 9 ноември од 17 часот, а финалето е на 10 ноември со почеток од 12 часот.