Сите им се смееја: Јутјубер „брутално“ нокаутира ММА-ѕвезда (ВИДЕО)

Нешто помалку од две минути траеше бокс-мечот помеѓу јутјуберот Џејк Пол и поранешниот ММА-шампион, Бен Аскрен, на разочарување на многумина кои со нетрпение го очекуваа овој егзибициски дуел.

Фактот што борбата заврши веќе во првата рунда беше причина што голем број познавачи на приликите во боречките спортови се посомневаа на регуларноста на оваа пресметка. Тие тврдат дека Аскрен добил многу пари театрално да падне за ѕвездата од Јутјуб-видеата да може да си го оствари својот фајтерски сон.

Пол претходно го совлада поранешниот НБА-кошаркар Нејт Робинсон, но сега против себе имаше далеку посериозен борец. Официјално, Аскрен ќе се задоволи со 500.000 долари, додека победникот ќе инкасира 690.000 долари.

Аскрен во моментот на прекинот даваше знаци дека може да продолжи, но судијата остана на својата одлука, потенцирајќи дека тој е нестабилен. Така испадна дека на аматерот Пол веќе со првиот посериозен удар му успеа тоа што изминативе години не им успевало на бројки ѕвезди во ММА и УФЦ сериите – да го нокаутираат Аскрен.