Ивановски: Тоа што истрчав 20 минути послабо од мојот најдобар резултат покажува дека нешто ми се случувало

Македонскиот маратонец Дарио Ивановски го освои 69. место на олимпискиот маратон во Париз со време кое е послабо за околу 20 минути од неговото најдобро во кариерата.

Во неговата прва изјава по трката, Ивановски објасни дека се борел со повреда уште од почетната фаза и дека веројатно тоа е причината за послабото време.

„Почитувани Македонци, би сакал да се заблагодарам за поддршката на овој маратон и во подготовките за овие Олимписки игри. Штом ќе се заврши еден маратон, тоа само по себе е успех. Имав мала повреда на стапалото и коленото кои од шестиот километар што не ми дозволи да продолжам со исто темпо како што почнав.

Сепак, го дадов максимумот, сега следува период на рехабилитација и фокус на следните цели. Веројатно сите, па и јас имавме поголеми очекувања, јас уште верувам дека можев  подобро. Тоа што истрчав 20 минути послабо време покажува дека нешто ми се случувало, а тренинзите пред оваа трка покажуваа дека сум бил подготвен и за подобар резултат од моето најдобро време. Се надевам дека на следните трки ќе го видите стариот Дарио“, рече Ивановски.