Србија прави чуда: Ја суреди и Германија и сега се надева на полуфинале!

Ракометарките на Србија играат фантастично во втората, главна фаза на Светското првенство за ракометарки, кое се одржува во Јапонија. Иако во неа влегоа без бодови, по две кола имаат веќе две победи.

Во денешното, второ коло, ја совладаа Германија со 29-28 во голема драма во завршницата. Германките водеа со 28-27, Србија изедначи преку Јелена Лавко во 59. минута, а откако се одбрани, доби седмерец на три секунди до крајот. Мирна рака имаше Кристина Лисчевиќ, носејќи ја својата селекција до втора победа во главната фаза, по онаа над Јужна Кореја (36-33) вчера.

Иако почнаа со нула бодови, Србинките сега имаат четири бода во доста замрсената група 1, во која Германките водат со пет бода, а четири имаат и Холандија и Норвешка, пред да ги одиграат своите натпревари од оваа рунда. Норвежанките се фаворитки против Јужна Кореја, Холандија ќе има тешка задача против Данска.

Во полуфиналето ќе се пласираат првите две селекции од групите 1 и 2 и ќе вкрстат по принципот прв против втор од спротивната група.