Швајцарија ептен се измачи, но сепак ја совлада Финска

Швајцарија денеска се измачи во мечот против Финска, но сепак славеше со 32-30 во четвртиот меч од квалификациите за Европското првенство.

Финците имаа почетно водство против Швајцарија (2-1), кој набрзо се врати во игра и со серија од 4-0 стигна до 5-2, но Финска не се предаваше и повторно направи пресврт (10-9) на средината на првото полувреме. Сепак, домаќинот со подобар финиш успеа на полувреме да замине со 18-16.

Швајцарците ја одржуваа предност во првите 15 минути од вториот дел и се играше „гол за гол“, но Финска во еден момент направи пресврт за 26-25. Меѓутоа, Швајцарија го врати водството и со гол во последната минута си обезбеди триумф од 32-30.

Енди Шмит постигна 14 гола за Швајцарија, додека кај Финска најдобар беше Макс Гранлунд со 10 голови.

Македонија е прва на табелата во групата 7 со шест бода, по што следат Данска и Швајцарија со по четири, додека Финска нема бод.