Парондо ја освои африканската титула и си замина од Египет

По три години работа на селекторската клупа на Египет, Роберто Гарсија Парондо ја напушти африканската репрезентација. Причините не се некаков неуспех, бидејќи пред два дена го крена пехарот на Африка, втор во неговото работење.

Шпанскиот стратег ќе се насочи исклучиво на работата во бундеслигашот Мелсунген, кого го презеде минатата година во септември. Од египетската репрезентација тогаш, начелно, му рекоа дека нема да има проблем да ги врши и двете работи паралелно, што не е новост во ракометниот свет, но сега работите се смениле.

По завршувањето на Африканското првенство, во понеделникот, на Парондо му бил понуден нов договор со плата пониска за една третина и со клаузула која вели дека ќе треба да плаќа пенали ако сака да си замине од позицијата. Шпанскиот тренер се заблагодарил и се упатил кон Германија.

Парондо стана шампион на Европа со Вардар 2019 година и веднаш потоа седна на селекторската клупа на Египет, како наследник на Давид Давис. Оттогаш освои два африкански шампионата, беше четврти на Олимписките игри во Токио, а на СП во 2021 година, кое го организираше токму Египет, отпадна во епско четвртфинале со Данска.